По повод 7-ми Ноември Денот на ослободувањето на Охрид, охридското здружение „Титоисти” упати честитка до охриѓани.

-Во својата вековна историја, Охрид запишал многу значајни датуми за своето постоење. Но, ниту еден датум ја нема симболиката на ослободувањето, на зачекорувањето во мирот и просперитетот, на удирањето на темелите на еден современ град, како што е денешниот датум, 7-ми Ноември. На овој ден, се враќаме седум децении наназад, во светлината на ноемврискиот ден, кој на Охриѓани им ја донесе толку посакуваната слобода, како најсилен и најзначаен симбол на секој слободољубив народ. Борбата на сите млади луѓе, партизани, за денес ние да го живееме нивниот сон, не смее да се заборави. Таа мора да продолжи во секој од нас и во сите идни генерации. Водејќи се од нивните идеали, ние мора да поставиме нови цели и вредности, засновани на нивната слободарска визија, на цврстата определба на плејада млади луѓе, за остварување на испрекинатата мечта, создавање своја слободна татковина, пишува меѓудругото со честитката.

Во неа се наглaсува дека споменот на тие храбри луѓе не треба никогаш да згасне туку напротив, тој треба да гори како вечен пламен во срцата на сите наши сограѓани.

OhridNews