Воспоставувањето на дигитализацијата на туристичкиот сектор ќе доведе до промена на досегашниот модел на пријавување и одјавување на гостите што во крајна линија ќе значи заштеда на ресурси кај давателите на услуги, но и намалување на сивата економија, велат од Секторот за туризам и локален економски развој во Охрид.

Со предложената алатка се предвидува дигитализација на дел од услугите во туристичко-угостителскиот сектор, како што е пријавувањето и одјавувањето на туристи од страна на давателите на услуги за сместување преку Интернет. Сметаме дека дигитализацијата е и потребна и неопходна како мерка поради што општина Охрид во повеќе наврати досега презеде иницијатива и го покрена прашањето за дигитализацијата, додаваат од ТЛЕР.

Велат дека дигитализацијата се воведува во многу свери на живеењето, и туристичкиот сектор има потреба од истото. Услови за тоа има, секој има уреди кои секојдневно ги користат, но и апликации кои им помагаат при работа.

Должност и законска обврска на секој давател на услуги за сместување е да ги пријави гостите уредно и навремено. Само така ќе имаме реална слика за бројката на гости и структуратана истите. Со тоа ќе можеме да развиваме и реални планови за развој на туризмот, додаваат од ТЛЕР.

Инаку, неодамна на владина седница беше усвоена информацијата за креирање, реализација и имплементација на соодветен информациски систем за дигитализација на туристичко-угостителскиот сектор е-туризам.

Н.С.Ј.