Не станува збор за тоа дека категоризираните станоиздавачи не можат да се рекламираат на интернет. Факт е дека се работи за 2000 станоиздавачи и тие мора да размислуваат за начин на кој маркетиншки ќе се појават на пазарот и презентираат. Но, издавањето на становите согласно законот, мора да се врши преку туристичка агенција или биро, објаснуваат од Секторот за локален економски развој.

Доколку некој нуди апартмани преку интернет мора да е легално регистриран за извршување на агенциска дејност. Оние станови, апартмани, куќи, кои се нудат мора да се категоризирани и сопствениците мора да имаат договор со агенција која ги рекламира преку интернет. Доколку сакаат сами да се нудат на интернет можат да се рекламираат, но издавањето мора да биде преку агенција или биро со кои имаат склучено договор. Начинот на плаќање преку агенција, која е правен субјект, најчесто е со картичка или во готово, а за престојот гостите мора да добијат сметка. Со дел од парите од издавањето мора да се плати персонален данок и такса за гостите за привремен престој. Факт е дека најголемиот број станоиздавачи ги земаат парите на рака и не издаваат сметка со што губи и државата и Охрид и самите тие бидејќи тоа се средства кои се реинвестираат во туризмот, потенцира раководителот на ТЛЕР, Гоце Симоноски.

Тој додава дека сосема друго е кога станува збор за дивите станоиздавачи.

Постојат интернет страници на кои се нудат станови од луѓе кои не се регистрирани како агенции и на своите интернет страници имаат станови кои не се легално категоризирани и регистрирани. Нашите активности заедно со општинскиот инспекторат се насочени кон анализа на оние станови кои не се категоризирани, а се нудат на интернет. Дивите станоиздавачи кои се рекламираат на интернет се нелојална конкуренција на оние чии станови и апартмани се категоризирани, вели Симоноски.

Согласно законот за угостителство, решението за категоризација се издава за период од три години. Доколку тој период е поминат сопствениците се обврзани да достават барање за продолжување на регистрацијата и категоризацијата. Во спротивно и тие се сметаат како нелегални станоиздавачи.Од ТЛЕР додаваат дека трошоците за обновување на решенијата се минимални.

OhridNews