Предвидениот проект за изградба на 23 габаритни објекти на Плаошник, меѓу кои ќе има музејски комплекс, образовни и културни интитуции, но и комерцијални објекти, според дел од стручната јавност сериозно ќе го наруши просторот, па дури може да предизвика и бришење на Охрид oд листата на светско културно наследство на УНЕСКО.


Историчарот на уметност и археолог, Донка Барџиева Трајковска во емисијата „Пресинг“ на Алфа тв, вчера, истакна дека тоа што се планира на Плаошник е многу пострашно од  „Скопје 2014“, проект за кој исто така изнесе сериозни критики.

Таа го обвини директорот на Управата за заштита на културното наследство на Македонија Паско Кузман, дека не го заштитува културното наследство, туку одработува политичка агенда.


Барџиева Трајковска e претседател на невладината организација „Центар за културно наследство“, која неодамна упати отворено писмо до министерката за култура во кое жестоко се критикува проектот на Плаошник.

„Почитувана г-ѓа министерке! Дали од надлежната Управа за заштита на културно наследство сте детално информирани дека за изградба на овој комплекс од 23 градби треба да се копаат темели во длабочина од 14 метри и дека сиот комплекс со придружните инсталации се гради на археолошки локалитет? Дали Вие како надлежен министер стоите зад овој проект кој директно уништува археолошки локалитет заштитен од УНЕСКО? Дали за овој проект е информиран Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО и дали имате добиена осогласност?

Почитувана г-ѓа министерке!

Во името на граѓаните, Центарот за културно наследство Ве повикува во рамките на Вашите надлежности, а во согласност со постојната законска регулатива и меѓународните конвенции, да ги преземете сите неопходни мерки за спречување на сите понатамошни штетни активности на светското културно наследство Охрид со цел да му го вратиме неговиот изворен сјај и однос кој го заслужува. Во овој контекст Ве повикуваме да ги прекинете сите активности поврзани со изградба на новиот комплекс на Плаошник,затоа што Плаошник и Охрид не им припаѓаат само на охриѓани и нам како Македонци, туку на целата светска јавност!“, стои меѓу другото во писмото што Центарот за културно наследство го испрати до министерката за култура.

OhridNews