Речиси една третина од концесионерите на плажите на охридското крајбрежје и покрај законската обврска се уште немаат ангажирано спасители на вода, додека на струшкото крајбрежје половина од плажите под закуп немаат спасители, предупредува Црвениот крст. Вкупно 400 обучени спасители на Црвениот крст ова лето ќе бидат распоредени на 45 плажи, но дел од капалиштата кои се издадени под закуп немаат склучено договори за ангажман на спасители на вода, за што е информирана инспекциската служба на Капетанијата на пристаништата при Министерството за транспорт.

-Наша иницијатива беше да имаме една заедничка инспекција која ќе помине по целото крајбрежје за да ја констатира состојбата и да им се наложи на оние кои на разни начини ги одбегнуваат законските обврски да го почитуваат законот. – вели Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.

И ова лето на 80 километри долгото крајбрежје на Охридското Езеро нема да функционира брод амбуланта, што ќе ја усложни работата на спасувачките тимови.

-Не дека итната медицинска помош не сака, не може да стигне секаде, бидејќи патот е лош, затоа беше бродот амбуланта кој сега стои на копно и чека државата или локалната самоуправа да обезбедат средства за негово ставање во функција или да набават нов, како и да набават за специјализиран пловен објект за гаснење пожар. – додава Точков.

Иако надлежните институции ветуваа, се уште не се обезбедени услови за работа на центарот за безбедност на вода. И оваа година спасувачките тимови на Црвениот крст ќе се координираат од импровизирана база кај каналот Студенчишта, што според Точков само го потврдува односот на градот и државата кон оваа проблематика.

Г.М.