Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров, донатор на 57-метарскиот крст што треба да се гради во општината Бутел, преку социјалните мрежи раскажа како се случил физичкиот напад врз него вчера непосредно по завршување на церемнојата на поставување на камен темелникот за крстот, по што тој заврши во болница.

„Откога се’ заврши, со двајца пријатели се упативме кон Гази Баба, јас им предложив да седнеме на чорба во ресторанот “Казабланка” на влезот во Скопски саем. Имав покани и од други за други места, но реков, ќе си го земам лап-топот од општината, ќе каснам чорба во ресторанот до општината и ќе заминам дома да се одморам. Сакав да одбегнам народ, евентуални провокации, денот беше посебен…

Кога влеговме во ресторанот, внатре немаше гости, ниеден освен келнерите. Сончево беше времето, предложив да седнеме надвор на терасата. Видов дека има една група мажи, дваесетина, уште една маса со два тројца, другите маси не беа поставени и внатре се вративме. Видно беше дека масата со дваесетте гости ме приметија и за мене коментираа. Мислев, гости се со повод. Одбрав маса, го оставив мобилниот и торбичката и тргнав накај тоалетот рацете да ги измијам. Се стрчаа двајца по мене, млади, од друштвото на тераса, видов ме бараа каде сум. Некоја сила ме одврати, си реков ако влезат по мене во тоалетот може да не излезам. Се вратив во ресторанот, ако ме нападнат барем ќе можам помош да повикам. И веднаш кај гардеробата до тоалетот ме затепаа со боксови по главата. Се повлеков во сепарето до гардеробата, грбот и бубрезите ги заштитив во ќошот а со рацете главата. Дојдоа уште тројца и почнаа сите со боксови по глава и ребрата крвнички да ме удираат. Ме тепаше и Беќир Асани шефот на огранокот на ДУИ за Чаир. Се качи еден и на маса, со клоци ме удираше по глава како што бев подвиткан. Помислив дека ќе ме убијат. Ги прашав повеќепати додека ме удираа “Што ви сторив?” Ми велеа “Ти ли ќе градиш крст?” и “Во Чаир да не си стапнал!” “Во Чаир да не те видиме!” Викав помош и полиција се’ додека ме удираа, никој од келнерите не притрча да помогне… Едниот пријател со мене припомогна, ама и него го изудрија и го тргнаа. Другиот пријател истрчал да јави по полиција. На крај од тепањето, од терасата влезе во ресторанот и Изет Меџити, градоначалникот на Чаир, потпретседател на ДУИ, се погледнавме убаво, ништо не прозборевме, ме виде крвосан и изудрен, и со тепачите заминаа. Не можеше да не знае што прават неговите сопартијци, заедно на иста маса седеа. Тој не ме спаси.“ – напиша Тодор Петров на својот фејсбук профил. 

Владејачката ВМРРО ДПМНЕ го осуди инцидентот кој го окфалификува како индивидуален чин на насилство и побара полицијата да ги идентификува и пронајде напаѓачите.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека полцијата го констатирала случајот и ги знае сторителите но за неа настанот е кафеанска тепачка и не е поврзана со осветувањето на Крстот бидејќи не се случило на истото место.

OhridNews