Советничката листа на СДСМ и коалицијата за претстојните локални избори во Охрид е тим составен од луѓе со искуство, знаење и визија за иднината на нашата општина, рече на денешната прес конференција носителот на советничката листа на СДСМ и коалицијата за општина Охрид за претстојните локални избори, Јане Тодороски.
Нашиот тим го сочинуваат професионалци од различни области, образование, здравство, економија, екологија, граѓански активизам. Луѓе кои секојдневно работат со граѓаните и ги знаат нивните вистински проблеми, луѓе докажани во полето на својата област, луѓе кои носат енергија, идеи и посветеност да го направат тоа што е најважно, да создадат подобар живот за сите, истакна Тодороски.
Потенцираше дека нивниот план е јасен, подобра инфрастуктрура, уредени улици, осветлување и почиста средина во секое мало, поддршка за младите и семејствата, повеќе спортски, културни и образовни содржини, економски развој, нови инвестиции и поддршка за локалните бизниси, зелена општина, проекти за чист воздух, паркови и заштита на природата.
Но, денес сакаме да упатиме еден важен повик. Изборите се можност за натпревар на идеи, а не за поделби. Повикуваме на коректна, фер и конструктивна кампања, во која ќе доминираат проектите, визиите и решенијата, а не навредите и блокадите, рече Тодороски.
Посочи дека само така може да се докаже дека политиката може да биде одговорна и чесна.
Ние нудиме план и визија, тим кој ќе работи чесно, гласно и одлучно за секој грѓанин. Знаеме што и треба на нашата општина и знаеме дека тоа можеме да го направиме со работа, со упорност и во поддршка од граѓаните. Да имаме фер избори, да имаме констуктивен натпревар на идеи, а потоа да работиме заедно. На овие избори изберете развој, изберете сигурност, изберете иднина за општина со која сите ќе се гордееме, додаде Тодороски.
Н.С.Ј.
фото. Г.М.