Министерот за здравство Никола Тодоров вечерва во Охрид оствари средба со раководните луѓе од Општата болница, при што најави негов личен ангажман за што поскоро надминување на проблемот околу реконструкцијата на старото крило.

– Тоа е проблем на кој сум фокусиран уште од првиот ден од кога сум на чело на Министерството за здравство. Проблемот е во начинот на кој е изведена целата работа, проектот е прилично лошо направен и како резултат на тоа дојдовме до ситуација да размислуваме дали истиот да се реновира или целосно да биде урнат, рече тој, појаснувајќи дека Министерството го ангажирало Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје (ИЗИС) да изврши увид во каква кондиција е објектот.

– Ги ангажирав „ИЗИС“ како најреномиран институт во Македонија за тоа прашање. Нивни стручни екипи излегоа на терен, направија увид и во овој момент го изготувваат извештајот. Очекувам во вторник извештајот да го имам на маса и да одлучиме што ќе правиме понатаму, дали објектот ќе се урива или ќе продолжи неговата реконструкција. Првичните информации што ги имам после денешната средба со директорот на Изис, се дека најверојатно нема да има потреба од целосно уривање на објектот, но сепак ќе почекаме да го видам извештајот, појасни Тодоров.

Тој најави дека лично ќе се заложи за што поскоро надминување на проблемот и нагласи дека целата постапка мора да заврши во законски предвидената рамка.

За евентуална одговорност за настанатата ситуација, тој рече дека треба да се утврди за каков вид неправилности станува збор, односно дали тие ќе може да се објективизираат, односно да се персонализираат.


Реконструкцијата на старото крило на охридската општа болница во кое беа сместени одделенијата за хирургија, урологија, гинекологија и уво, грло и нос започна во октомври минатата година, со план истата да заврши за околу 16 месеци.

Неодамна реконструкцијата на старото крило на болничкиот комплекс во Охрид беше целосно стопирана, поради утврдени отстапки во висината на објектот.

За реконструкција на охридската болница Министерството за здравство распиша меѓународен тендер, што го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, додека за изведувач на градежните работи беше задолжена скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, според проект на „Иванов инженеринг“ од Битола.

OhridNews