Преку 80 лица од социјален ризик ќе добијат топол предновогодишен оброк во рамки на хуманитарната акција организирана од Црвен крст Охрид и средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
Вештите раце на учениците од ова училиште под менторство на своите професори, во кујната на училиштето ќе подготват богати и вкусни јадења. Комплетен топол оброк со вариво, месо, десерт, квалитетно припреми во хигиенски услови, вели директорот на училиштето Марјан Радески на денешната прес конференција.
Топлите оброци ќе бидат дистрибуирани од страна на волонтерите од тимовите за логистика на Црвен крст Охрид и учениците до домовите на стари, осамени лица, лица со хендикеп и лица во социјален ризик се со цел да ја почувствуваат на некој начин предновогодишната магија и се почестат со еден убав оброк, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков упатувајќи и повик и до угостителските објекти да се вклучат во акцијата.
Ги охрабрувам и повикувам да се вклучат и угостителски објекти, ресторани од Охрид кои според своите можности и желби, би подготвиле топли оброци, соодветно спакувани, за понатамошна достава од страна на волонтерите на Црвен крст Охрид, до лицата во социјален ризик, вели Точков.
Акцијата ќе се реализира во периодот од 20-23 декември, а семејствата каде ќе се донираат се веќе лоцирани.
Н.С.Ј.