Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Џон Тошак во соработка со своите помошници повика 22-ца играчи за следните квалификациски дуели со селекциите на Русија и Андора што е прв предизвик за големото тренерско име во продолжението од квалификациите. Денеска за сајтот на ФФМ, Тошак даде кратка изјава во пресрет на овие средби.


– Навистина сум ангажиран во моментов со анализа на последните средби на македонската репрезентација. Сакам да добијам што пореална слика за потенцијалот на репрезентативците за да може да го составиме најдобриот тим. Првите впечатоци ќе ги откријам на прес конференцијата во Скопје кога како селектор заедно со моите соработници ќе ја имаме и официјалната презентација пред македонската јавност. Се надевам дека во наредедниот период ќе можеме и во живо да ги видиме сите потенцијални кандидати за националниот тим и ќе можеме реално да составиме квалитетна и пред се компетитивна репрезентација.

Селекторот на А-тимот, Џон Тошак во Скопје ќе пристигне на 25. Август а првата официјална прес конференција ќе ја одржи следниот ден. На 28. Август Тошак ќе ја изврши и првата прозивка пред заминувањето за Москва.

Ohridnews