Науката е мотор на практиката и стожер без чии визии и идеи е невозможен вистински напредок. Безбедносната сфера, поради својата динамичност и поврзаноста со брзиот општествен и технолошки развој, постојано отвора нови прашања и предизвици. Затоа одлуките во безбедносниот сектор мора да се темелат на стручност, научни сознанија и практично искуство, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на 17 Меѓународна научна конференција „Безбедност 2030: Ера на паметни технологии, отпорни општества, ризици и предизвици“ во Охрид.

Современата полиција мора постојано да се развива. Тоа подразбира инвестиции во луѓето, нивното знаење и обука, но и воведување современи технологии и користење на научните сознанија во практичното работење. Научните трудови и заклучоците од ваквите конференции не треба да останат само дел од академската дебата, туку да бидат дополнителна основа за креирање подобри и поефикасни решенија во безбедносниот систем, потенцираше министерот.
Тошковски се осврна и на долгогодишната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност – Скопје, оценувајќи дека поврзувањето на науката со практиката е особено значајно за натамошниот развој и професионализација на полициската служба.

Поради безбедноста на нашите деца, а секако и поради целокупната сигурност во државите и светот воопшто, потребно е да се фокусираме на градењето отпорни општества, истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска.
За тоа, треба да има поголема меѓународна соработка, силно меѓуинституционално и академско делување, но и јавно-приватно партнерство кое ќе развива системи со вградена безбедност и паметна технологија во служба на човекот, каде технологијата ги засилува нашите капацитети, но не ја заменува одговорноста. Како што чекориме кон иднината, границата помеѓу физичкиот и дигиталниот свет, речиси целосно исчезнува. Вештачката интелигенција и паметните мрежи стануваат ткиво на нашите градови, економии, образование, здравство и инфраструктура. Оваа трансформација носи огромни можности, но и поголеми предизвици – проширени сајбер закани, дезинформации и заштита на приватност“, рече Јаневска, додавајќи дека токму ризиците наложуваат вкрстување на ингеренциите на Министерството за образование и наука, Министерството за внатрешни работи и високообразовните и научните установи за безбедност и информатика.

На дводневниот научен собир организиран од Факултетот за безбедност во Скопје, со поддршка на Министерството за внатрешни работи, учествуваат претставници на академската и научната заедница, безбедносните институции и јавниот сектор, истражувачи и практичари од земјава, регионот и пошироко.
Ќе бидат презентирани 73 научни трудови од областа на полициското работење и новите технологии, паметниот сообраќај и урбаната мобилност, глобалната безбедност и меѓународната соработка, етиката, правото и дигиталната отпорност, како и хибридните закани и информациската безбедност…
OhridNews










