Специјално возило со кое ќе може да делува во стариот дел на градот, но и во други тешко пристапни области доби денес Територијалната против пожарна единица Охрид. Вредната донација на ново возило со противпожарна надградба ја прими командирот на ТППЕ – Охрид, Борко Јанкулоски.

Оваа донација е од огромно значење за Охрид и Дебрца. Со ваков тип на возило веќе имаме поефикасен пристап во Стариот дел на градот и во Националниот Парк, каде што пристапот со поголемо возило е отежнат, вели Јанкулоски.

Донацијата беше врачена на денешниот настан под слоганот „Цивилна заштита помеѓу институциите и граѓаните” во организација на Дирекцијата за заштита и спасување, на отворено во Скопје, пред спортскиот комплекс Борис Трајковски каде присуствуваа претставници од Територијалната противпожарна единица при Општина Охрид со претставници од Општината.

Противпожарни возила и опрема добија уште тринаесет општини од државава. Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на настанот истакна дека вонредните ситуации, непогоди и несреќи не научија дека треба да создадеме заеднички и комплексен систем на сите институции со цел донесување на брзи и ефикасни решенија. Од тие причини, посочи тој, денешниот настан е особено важен.

Денес им предаваме нови противпожарни возила на 14-те општини во Град Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар. На овој начин овозможуваме сериозно подобрување и комплетирање на техничката опрема, рече Ковачевски.

Информираше дека протипожарните возила се набавени преку ДЗС за 42,5 милиони денари. Ова, како што кажа тој, е исполнување на ветувањето до граѓаните за набавка на вакви возила.

Владата останува посветена на обезбедување услови за ефикасно делување и интервенирање на протипожарната служба и останатите чинители на цивилната заштита. Особено е важно што ваквите инвестиции се спроведуваат превентивно односно со цел навремено подигање на нивото на противпожарната служба пред следниот критичен период односно пред следната летна сезона, рече премиерот.

Директорот на ДСЗ Беким Максути истакна дека нивна цела е со овој настан да се привлече вниманието кон улогата и значењето на системот за заштита и спасување и да се подигне свеста за важноста од подготвеноста за справување со различни природни непогоди и други несреќи и воедно да бидат претставени новите противпожарни возила кои ќе им бидат претставени на општините.

Максути кажа дека се неопходни на реформи на постоечките и создавање на нови структури на системот за заштита и спасување.

Токму поради тоа активностите на ДЗС се насочени кон заштитата и спасувањето на животот на луѓето, животната средина, материјалните добра, природниот и животинскиот свет, културното наследство, рече тој.

На настанот беа прикажани повеќе показни вежби, како и опрема.

Н.С.Ј.