Велигден е најголемиот христијански празник. Има многу обичаи коишто се поврзани со неговото прославување. Во нашата традиција на полноќ, откако ќе биде објавена радосната вест за воскресението на синот божји, верниците си честитаат со поздравот “Христос воскресе – Вистина воскресе”, по што обичај е да се кршат Велигденски јајца.

На островот Крф, традицијата е малку поразлична и уникатна, поради што велигденските празнувања привлекуваат туристи од цел свет.

Празнувањето започнува на Велики Петок со изнесување на епитафите и црковни литии проследени со тажна музика кои поминуваат низ уличките на стариот град.

Исто така, се изнесуваат и моштите на Свети Спиридон – заштитникот на Крф и масовно се посетува црквата посветена на светецот, изградена кон крајот на XVI век.

На Велика Сабота, точно во 11 часот, во срцето на стариот град на француската променада, се случува главната атракција којашто привлекува илјадници гости за Велигден.

На Крф не се кршат јајца за Велигден, туку жителите кршат ќупови во црвена боја и разни големини, полни со вода, фрлајќи ги од терасите.

Според верувањата, на тој начин тие ги бркаат злите духови и лошата енергија и отпочнуваат нов циклус на среќа и благосостојба.

Туристите, пак, кои ги има во огромен број, собираат парчиња од ќуповите како сувенири.

На полноќ на главниот плоштад свештените лица ја објавуваат радосната вест на Христовото воскресие: “Христос воскресе – Вистина воскресе”.

Веднаш по објавувањето на Христовото воскресение почнува величествен огномет кој десеттина минути го пара небото над Крф.

Според традицијата, православните верници Велигден го празнуваат три дена.

Г.М.