Традицијата за везење и плетење на уникатни рачни изработки пополека се губи, бидејќи ретки се девојките кои во својот свадбарски чеиз ја носат рачната работа на нивните баби и мајки, а во домовите како декорација се почесто се употребуваат фабрички произведени предмети, кои ги наметнува модата. Ова беше истакнато на вчерашното отварање на изложбата „Рачната работа се губи, но во музејот останува“, која е поставена во Куќата на Робевци во Охрид.

-Нашите прабаби, баби и мајки биле многу вредни. И покрај тоа што во куќата и семејството тие претставувале столб, не ја занемарувале и рачната работа која претставувала украс за очите и им ја смирувала душата. После долгиот напорен ден, обврските со куќата, децата, тие наоѓале утеха и во рачната работа. Чингелакето и иглите им биле најверни друшки. Од нивните раце произлегле најсовршени нешта, кои кога ги гледаш, не ти се верува дека се рачно сработени, вели етнологот Марија Каневче, која е автор на изложбата.

Во рамки на оваа несекојдневна изложбена поставка посетителите имаат можност да видат уникатни примероци од рачно изработени пердињата, чаршафи за маса, милјенца, перничиња, капчиња и многу други предмети.

-Предмет на излагање е рачната работа на жената со чингелаке и со игла. Со чингелаке се изработени пердињата, чаршафите за маса и милјенца кои се ставале како украс на комодите, масичињата, така и на табачињата. Со чингелаке се правеле и милјенцата „поентлес“ која е една специфична техника, комбинирана со везење и плетење. Покрај рачната работа со чингелаке, рачна работа се изведувала и со игла или со везење. Најстари примероци се оние кои се извезени со свилени конци и тоа техника полнатица. Освен за везење иглата се употребувала и за техниката „сачан“ , објаснува Каневче.

Паралелно со изложбата на рачни изработки, во Куќата на Робевци од вчера е поставена и изложбата на „Облека од клашна“ во чии рамки се изложени волнени облеки направени од клашна и шајак.

-Овие горни облеки кои биле карактеристични за селските средини се среќаваат под различни имиња и тоа клашеник, забанче, џамадан, елек, ќурдија. Завод и Музеј располага со над 100 примероци горни облеки од клашна, од крајот на 19 па се до почеток на 20 век. Во нашата збирка може да се сретне примерок скоро од секој дел на Македонија, вели Каневче, која се потпишува како  автор и на оваа изложба.

Двете изложби се организирани со поддршка на  Министерството за култура на Република Македонија и се дел од годишната програма на Завод и музеј од Охрид.

Е.М