Ниту врнежливото време не ги спречи охриѓани да ја продолжат традицијата на зимско капење за празникот Св. Јован, кога во Охрид се одбележува Денот на рибарите. Капачите ги предводеше фаќачот на крстот Иван Лотески.
фото: Емил Јовановиќ
И годинава на Сараиште, каде што се одржува манифестацијата во последно време, средното угоститеско училиште подготви рибна чорба, а се служеше и греана ракија, вино и пача.
-Оваа година се подготви 2 тони рибна чорба, или околу 2000 порции, за што беа потребни околу 400 килограми риба и друго зајре. Во подготовката учествуваа десеттина ученици и двајца стручни професори, а намирниците ги обезбеди локалната самоуправа. – информираа од средното угостителско училиште.
Дел од рибната чорба волонтерите на Црвениот крст Охрид ја дистрибуираа до луѓето со социјален ризик, инвалиди и стари и изнемоштени лица кои живеат во рурални средини. Дел од чорбата ќе биде донирана до соодветните институции кои згрижуваат вакви лица, истакна Сашо Точков од Црвениот крст.
Градоначалникот на општина Охрид Јован Стојаноски изрази задоволсто од реализацијата на проектот „Од 20 до 20 сите во Охрид“.
-Постигнат е ефектот кој го очекувавме, се создаде позитивна енергија, а гостите и охриѓани уживаа во настаните кои се реализираа во рамки на проектот „Од 20 до 20 сите во Охрид“. Веќе од наредната недела започнуваме со „Охрид живее 365 дена“ со многу други настани и се надевам уште повеќе ќе биде пожив градот. – рече градоначалникот Стојаноски.
OhridNews














