Ѓомлезе, традиционални јадења од охридскиот регион, различни видови сирење, домашен мед, градинарски продукти и охридски специјалитети подготвени од студентите на ФТУ Охрид, можеа да вкусат сите посетители на манифестацијата „Охридска софра“, која денеска по втор пат се одржа во селото Скребатно.

Манифестацијата започна рано изутрина, а 24 учесници беа дел од натпреварувачката „Ѓомлезијада“.

Ѓомлезе приготвувам повеќе од 20 години, нешто за домашните, а нешто по порачка. Најпрво се прави кашата, составена од брашно, сол и вода, а тоа е стариот начин на подготовка на ова традиционално охридско јадење. Потоа се пали огнот, се загреваат сачевите и се почнува со работа. Се истура кашата во тепсија, се прска со масло и се става сачот за да се испече губата. Потоа процедурата се повторува, а целокупниот процес трае околу три часа.“ – вели Билјана Китеска од Охрид, една од 24-те натпреварувачи на овогодинешната „Ѓомлезијада“.

По официјалниот дел на дегустација и оценување од страна на Комисијата, првата награда за најдобро ѓомлезе отиде во рацете на Гоце Дукадиноски, втората кај Ратка Крстаноска, додека третата и припадна на Златица Размоска.

Комисијата денеска имаше тешка задача да избере кое од овие традиционално припремени ѓомлезиња е најдобро и претпоставувам кое и да го одбереа, немаше да погрешат. Се надевам дека е направен вистинскиот избор, но на сите учесници кои со своите вредни раце ги презентираа вештинити, им благодарам за учеството на оваа манифестација и им посакувам уште многу години да приготвуваат ѓомлезе онака како што со години наназад го правеле нивните претци.“ – рече градоначалникот Никола Бакрачески, доделувајќи им ги наградите на Дукадиноски, Крстаноска и Размоска.

Тој потенцира дека манифестацијата „Охридска софра“ има за цел да го промовира руралниот туризам во градот и неговата околина.

Денеска на традиционален начин во овој прекрасен амбиент, правиме промоција на туристичките вредности на градот Охрид и околината и ја промовираме традиционалната охридска кујна. Исто така, ги промовираме и кулинарските вештини на локалното население. Во нашата стратегија за развој на туризмот, значајно место ќе заземе промоцијата на руралниот туризам во Охрид.“ – потенцира Бакрачески.

Во рамките на настанот, охридскиот градоначалник заедно со водителката на емисијата „Вкусот на традиција“, Адријана Алачки, ги покажа своите вештини во готвење, приготвувајќи јагула на охридски начин.

За музичкиот дел се погрижи познатата македонска етно група „Чалгија саунд систем“, која изведе автентични изворни македонски песни.

Инаку, настанот беше во организација на општина Охрид, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија како дел од проектот „Топол културен бран“

O.T.