На плажата „Галеб во центарот на Струга денеска беше откриено спомен обележје во чест на тројцата стружани кои тука минатата година ги загубија животите од струен удар на незаконски поставен шанк. На спомен обележјето во акростих се испишани стихови посветени на тројцата неразделни пријатели: д-р Јосиф Докоски, д-р Киро Ѓоргоноски и Јонче Кувенџиески.


На поменот присуствуваа голем број стружани, како и семејствата на загинатите кои упатија порака со надеж дека жртвите на големата трагедија нема да се заборават за никогаш повеќе да не се случи таков немил настан.

– Изразувам благодарност до иницијативната група граѓани која ја реализираше идејата за поставување на ова спомен обележје. Ова треба да биде паметник на едно време на една човечка неодговорност и негрижа, спомен на болка и многу пати поставуваното прашање дали требаше да се случи ваква трагедија. Во исто време ова треба да биде место на надеж дека трагично загинатите на кои им беше одземен животот и радоста не се заборавени. Нивната и наша трагедија треба да опоменува, предупредува и променува. Треба да се испрати силна порака кон оние кои се одговорни за креирање на нужно безбеден амбиент дека не е прифатливо да се констатира дека за една непоставена склопка или едно метро кабел загинаа тројца недолжни граѓани.- изјави Мирјана Докоска, сопруга на загинатиот Јосиф Докоски.


Трагичниот настан се случи на 11 септември 2010 година. По завршување на истрагата беше покренато обвинение против сопствениците на шанкот Цвете Вранишкоски, Климе Миладиноски и Гоце Јанески, кои Основниот суд во Струга ги прогласи виновни за кривичното дело „Предизвикување тешки дела против општата сигурност на луѓето“ и им изрече вкупна казна затвор во траење од 10 години и 4 месеци.

Горан Момироски