Демократскиот сојуз повика на разумно и одговорно однесување од лидерите на четирите партии, кои презедоа обврска за имплементација на договорот од Пржино.
-Секое пролонгирање само ја продолжува агонијата во која токму тие партии ја вовлекоа државата.- смета лидерот на Демократскиот сојуз и коалиционен партнер во власта Павле Трајанов.
Според Трајанов преговарачкиот процес за излез од политичката криза е блокиран од страна на четирите партии потписници на договорот од Пржино. Тој смета дека партиите се раководат од сопствени и лични интереси и прават голема штета на земјата како на економски така и на евроинтеграциски план.
-Ниту Заев со политичките бомби може да дојде на власт, ниту пак Груевски и другите партии на власт, можат со вонредни избори да го покријат криминалот и негативните процеси по кои се движиме. рече Трајанов.
Во обраќање пред членови на партијата Трајанов истакна дека политичката криза создава чувства на несигурност, неизвесност и вознемиреност кај граѓаните.
-Долгото траење на кризата негативно се одразува и врз бизнис климата, како и зголемување на бројот на младите да ја напуштаат нашата земја. – додаде Трајанов.
Демократскиот сојуз објави дека на партијата и пристапиле 100 нови млади членови.
OhridNews