Градоначалникот на општина Дебрца Игор Трајкоски, предлага одржување на референдум против изградба на регионална депонија на територијата на општина Дебрца на денот на локалните избори, 15-ти октомври.  Причина за тоа, како што стои во образложението, е молкот на институциите во однос на одлуката на советот на општината за иземање на Дебрца како можна локација за изградба на регионална депонија.

„Во контекст на новонастанатата ситуација во Општина Дебрца и најавата за изградба на регионална депонија како и големиот револт на жителите, Советот на Општина Дебрца донесе одлука за отфрлање на предложеното решение за Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад во Југозападниот плански регион. Донесената одлука од Советот, заедно со соодветното барање за отфрлање на Дебрца како локација за изградба и работење на регионална депонија и други постројки за управување на отпад, беше доставено до Министерот за животна средина и просторно планирање, како имплементатор на проектот за воспоставување на интегриран и финансиски одржлив систем за управување со отпад во Југозападниот плански регион, во рок од 15 дена го отфрли предложеното решение. 

Поради тоа што до ден денес, не е добиен одговор од Министерот, како и во контекст на донесената одлука од Советот, јас како Градоначалник покренувам иницијатива за распишување на референдум заедно со претстојните локални избори планирани да се одржат на 15-ти октомври, за изјасување на граѓаните од Општина Дебрца по однос предложената локација за изградба на регионална депонија во Општина Дебрца. 

Ги повикувам советниците без разлика на политичка припадност, уште еднаш да ја потврдат својата натпартиска сплотеност и да ја изразат волјата на жителите на Дебрца, и да дадат целосна подршка за дадениот предлог и донесат позитивна одлука за распишување на референдум заедно со претстојните локални избори.“ – предлага градоначалникот Трајкоски.

Тој побара седницата за расправа по неговиот предлог да биде закажана по итна постапка согласно законот.

OhridNews