Чуварот на мрежата Благојче Трајкоски со одбранет пенал на пет секунди од крајот на мечот извлече реми за Охрид 26-26 (11-11) во дербито со Пелистер во Битола.
Добриот старт на домашните ракометари (3-0) не ги поколеба охридските ракометари кои возвратија со иста мера за водство (4-3).
Во израмнет резултатски ритам помина првото полувреме кое заврши со исти бројки на семафорот (11-11).
„Зелено белите“ до педесеттата минута од натпреварот имаа блага предност, а дерби мечот влезе во неизвесна завршница.
До последните моменти од мечот се играше гол за гол. Пелистер поведе прво со 26-25, а најдобриот поединец во охридскиот состав Блажески од пенал издначи на 26-26.
Во последниот напад домаќините изнудија удар од седум метри, но капитенот на Пелистер не успеа да го надмудри Трајкоски кој донесе голем бод за Охрид.
За охриѓани освоениот бод е вкупно 13-ти сезонава исто колку и Пелистер со кој го дели врвот на табелата во Супер лигата.
Мх.П.