Од 7- ми април ќе започне нов период во Општина Дебрца предводен од ВМРО ДПМНЕ, период на реализација на различни проекти за развој на нашата Општина. Ќе реализираме проекти кои се од витално значење за жителите на Општина Дебрца, неопходни во нивното секојдневие, рече на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на општина Дебрца од коалицијата За подобра Македонија, Игор Трајкоски.

Тој најави отворање на индустриска зона и отворање нови работни места.Како што рече Трајкоски, со проектот Оровничка плажа Општина Дебарца ќе биде на мапата атрактивна дестинација за голем број на домашни и странски туристи.

Кандидатот за градоначалник најави и отворање на откупен пункт за земјоделски производи, со што на жителите ќе им се овозможи полесен пристап за продажба  на своите производи.

–    Од витално значење ќе бидат проектите за Реконструкција на водоводната мрежа во с.Требеништа,с.Волино,с.Ботун и с.Климештани, исто така реконструкција ќе има на резервоар за вода во с.Лактиње. Во нашите проекти предвидена е и изградба на регионален колекторски систем Мешеишта,Климештани,Волино,Требеништа и Горенци . Неопходноста од изградба на канализациона мрежа во с.Ботун,с.Лешани с.Велмеј и с.Ново Село ќе стане реалност. Асфалтирање на локални улици ќе биде примарност во нашето делување, реконструкција на улични светилки и поставување на енергоефикасни светилки за што поефикасно и поекономично делување на жителите на Општина Дебарца, поставување на електрични светилки на влезовите на населените места со сончеви панели, рече Трајкоски.

Додаде дека во реализацијата на проекти, примарност ќе има и образованието и подобрувањето на условите во училиштата, за чија цел најави изградба на монтажно училиште во с.Волино,реконструкција на училиштето во с.Оровник и с.Требеништа, бесплатни учебници за сите ученици, бесплатен интернет во сите училишта, како и стипендирање од страна на општината на најдобрите 20 студенти. Меѓу проектите кои ги најави Трајкоски се и изградба на фудбалски игралишта, на полигони за мал фудбал, училишни лиги во мал фудбал,училишни спортски клубови.

– Реконструкција на селските домови и отварање на културни домови или реконструкција на веќе постојните се дел од нашата изборна програма и дел од нашите ветувања што ќе станат реалност. Од овој аспект преку реализација на голем број на проекти кои ќе допринесат за подобар услов на жителите на Општина Дебрца ве уверувам дека на Дебрца ќе и го вратиме сјајот кој изминативе 16 години недостасува. Во искрена и тесна соработка со институциите и со Владата на Република Македонија  и соработката со општина Охрид, по победата на Бакрачески за градоначалник ќе се спроведуваат низа на потребни проектни зафати  за што подобро функционирање на Општина Дебарца и за што подобар живот на жителите на општина Дебарца, рече Трајкоски.

OhridNews