Денес кога изминуваат сто дена од моето назначување за градоначалник на Општина Дебрца заедно со мојот тим можеме да зборуваме за дела кои се остварени во Општина Дебрца, за остварени ветувања и реализирани проекти кои се од витално значење за секој поединец во Општината, рече на денешната прес конференција по повод изминати 100 дена од преземањето на функцијата, градоначалникот на општина Дебрца,Игор Трајкоски.

–    Сепак патот до постигнување на видливи резултати не беше лесен, морав да го  спроведам најдобриот начин за решавање на проблемите кои се наталожиле во изминатиот период и со кои се соочувале жителите на  Општина Дебрца:  слабата институционална екипираност, лошата инфраструктура низ Општината, неадекватните услови за образовна дејност, стари и дотраени водоводни мрежи, неискористени ресурси за туризам и туристички дејности, неискористување на фондовите кои ќе допринесат за полесна земјоделска  дејност на жителите на Општина Дебрца, слаба медиумска покриеност на Општина Дебрца и уште многу други, рече Трајкоски.

Меѓу најзначајните реализирани проекти во изминатите 100 дена, Трајкоски ги истакна  воведувањето на отворени денови за жителите,  воведувањето за прв пат на интернет страница на општината, отворањето на канцеларијата на градоначалникот за основците, изградбата на ново монтажно училиште во село Волино, стипендирањето на најдобрите 20 ученици од општината.

Трајкоски се осврна и на извршените зафати за подобрување на локалната инфраструктура во Дебрца.

–    Во изминативе сто дена успеавме да го почнеме асфалтирањето на улиците во село Ботун, најавувајќи модернизација на патната инфраструктура и асфалтирање на локални улици во селата Песочан,Лешани и други населени места во Општина Дебрца. Изграден е нов асфалтен пат од село Сливово до спојот со магистралниот пат М4 Охрид-Кичево во должина од 2.831 со средства добиени од Агенцијата за патишта на Република Македонија, 250 метри кубни тампон е вграден на  неколку локални улици во с.Оровник со што жителите на ова село нема повеќе да газат по кал или да дишат прашина, рече Трајкоски.

Градоначалникот на општина Дебрца најави асфалтирање на локални улици во  вкупен износ 6.000.000 денари,  довршување на реконструкцијата на водоводната мрежа во с.Велмеј, водоводна инсталација за подобрување на водоснабдувањето во с.Оровник, како и реконструкција на водоводната мрежа во с.Требеништа и с.Ботун. Трајкоски најави и поставување на канализациона мрежа во с. Мешеишта, изградба на  регионален колектор за отпадни води со кој ќе бидат опфатени селата Климештани,Мешеишта,Волино,Требеништа и Горенци и  санација на изворите во с.Велмеј.

Трајкоски со ветување до жителите на Дебрца дека и во наредниот период ќе работи на реализација на проекти кои ќе придонесат Општина Дебрца да биде дел од современите општини во Македонија.

OhridNews