Комисијата за хартии од вредност на 73-тата седница трајно и ја одзеде дозволата за вршење на услуги со хартии од вредност на „Охридска банка” АД Охрид – Оддел за работа со хартии од вредност.

„Одземањето на дозволата за работа е поради донесена Одлука на Управниот и на Надзорниот одбор  на ’Охридска банка’ АД Охрид со која Одделот за работа со хартии од вредност престанува да врши услуги со хартии од вредност.’Охридска банка’ АД Охрид трајно е исклучена од членство во ’Македонската берза’ АД Скопје и ’Централниот депозитар за хартии од вредност’ АД Скопје. Со згаснувањето на овој учесник на македонскиот пазар на хартии од вредност функционираат вкупно 11 брокерски куќи и пет овластени банки за работа со хартии од вредност“, соопштија од Комисијата.

При  контрола на работењето на брокерската куќа „Еуро Брокер”АД Скопје, Комисијата за хартии од вредност утврдила непочитување на Законот за хартии од вредност и на Правилникот за содржината и начинот на водење на книгата на налози.

Имено, брокерската куќа внесувала налози во системот за тргување без тие претходно да бидат запишани во книгата на налози што ја води „Еуро Брокер” АД Скопје.

За сторената неправилност, на брокерската куќа и на нејзиниот директор, КХВ им изрече јавна опомена и  истовремено, ги задолжи во рок од 30 дена да ја отстранат истата.

OhridNews
извор: Makfaks