Додека се’ уште трае неизвесната и тесна трка за претседател на САД, актуелниот претседател Доналд Трамп вечерва на прес конференција ги разгоре страстите, изнесувајќи тешки обвинувања за наводна изборна измама.

Тој е уверен дека победува на изборите доколку, како што рече, се бројат само легалните гласови, алудирајќи на изборни неправилности.

Сакам да ја известам американската јавност, дека доколку ги броиме легалните гласови јас сигурно победувам. – рече Трамп.

Додаде дека предизборните анкети кои му даваа предност на неговиот противкандидат, биле лага која имала за цел републиканците да останат дома, повторувајќи ги тезите за изборна измама.

Веќе говорев дека гласањето по е-mail и пошта е измама. Победив во Џорџија на изборниот ден, а сега бројот на моите гласови ќе падне. Престанаа да се бројат гласовите на неколку часа и многу работи се случија. Изборниот процес во Џорџија го водат демократи. Денес ќе победиме во Аризона. – истакна Трамп на пресконференцијата која ја напушти без да одговори на новинарските прашања.

Трамп смета дека се може да заврши пред највисокиот суд во земјата.

Г.М.