Трансфер лудилото завршува денеска точно на полноќ. Голем број од екипите ги чекаат последните денови, часови или моменти да донесат квалитетно засилување. Години на назад последниот ден е најтурбулентен и најмногу фудбалери ги менуваат клупските бои.

Премиер Лига

Бугарскиот репрезентативец Димитар Бербатов по четири сезони минати на Олд Трафорд премина во редовите на Фулам иако беше блиску до преселба во Серија А. Едно од најскапите засилувања за Ливерпул минатата сезона Енди Керол, замина на едногодишна позајмица во Вест Хем.


Најактивен во последните денови а можеби во цел преоден рок беше тимот на КПР кој со квалитетни фудбалери ја засили екипата. Официјализирани се трансферите на бразилскиот чувар на мрежата Жулио Цезар и на шпанскиот “везист“ Естебан Гранеро.

Серија А

По продавањето на Тиаго Силва и Златан Ибрахимовиќ навивачите на Милан копнеат за еден мега трансфер. Таква желба не им се исполна. “Росонерите“ го доведоа Најџел де Јонг од Манчестер Сити, а со градскиот ривал Интер се трампаа за Касано – Пацини.


Јувентус беше блиску до ангажман на бугаринот Бербатов, но тој во последен момент замина во Фулам. Се поголеми се шпекулациите дека Бендтнер ќе биде главна мета до затварање на преодниот рок.

Примера Дивизион

Откако заврши голема “сапуница“ со Модриќ, трансферите спласнаа во “Ла Лига“. Единствено холандскиот репрезентативец Ибрахим Афелај од Барселона замина позајмица во Шалке.

За одбележување е купувањето на Малага на поранешниот фудбалер на Барса и Реал Мадрид, Савиола и на Роке санта Круз кој дојде од редовите на Манчестер Сити.

Мх.П.