Од Министерството за транспорт и врски потврдуваат дека концесионерите на плажи на охридското крајбрежје чии договори се истечени, согласно законот, треба јавните површини со кои стопанисуваа да ги вратат во првобитна состојба, односно треба да ги отстранат постојните објекти изградени на нив.

– Министерството за транспорт и врски целосно ги почитува сите одредби наведени во договорите. Доколку прекинат или не се продолжат договорите за закуп тогаш плажите треба да бидат предадени на идните закупци неоптоварени со било какви објекти, објаснуваат од Министерството.

Отаму посочуваат дека во овој случај, не станува збор за раскинување на договорите, туку за нивно истекување, бидејќи истите биле со важност до 30 септември 2011 година.

– Согласно Законот за градежно земјиште краткотраен закуп се дава за максимум пет години, а договорот за краткотраен закуп на плажите во општина Охрид се склучени во 2007 година. Во самите одредби на договорите кои биле потпишани од страна на закупците стои дека по истекот на договорот, во период од 30 дена треба да се исчисти просторот и да се врати во првобитната состојба. Доколку тоа не е направено, за да се распише нова објава согласно Законот за градежно земјиште треба да биде донесено решение односно заклучок за отстранување на објектите кои се наоѓаат на земјиштето кое е предмет на краткотраен закуп, велат од Министерството за транспорт и врски.

Концесионерите се изненадени од тврдиот став на државата и бараат таа да ја преиспита ваквата одлука, затоа што, како што велат, охридските плажи се уредувани согласно пректи одобрени од надлежните минситерства и во нив се вложени милиони евра. Доколку се спроведат предвидените мерки, според нив, тоа ќе биде голем удар не само за концесионерите, туку и за туризмот воопшто, што ќе го уназади развојот на Охрид.
 
-Зарем има некој нормален во оваа држава, па ние со ова ќе го вратиме туризмот 10 години наназад. Вложувавме во нив и сега треба да ги отстраниме сите објекти од плажите за истите повторно да бидат дадени под концесија, што е навистина несфатливо.-изјави Илија Џепароски, концесионер на плажа.

Од Локалната самоуправа која треба да ги преземе ингеренциите над плажите од централната власт, најавија дека денеска ќе излезат со став за случајот кој ја разбранува охридската јавност.