
Најголемиот туристички центар во земјата нема луксузен хотел, еден е категоризиран со пет ѕвездички, а неколку со четири. Тоа е премалку за развој на елитен туризам сметаат експертите. Како втор административен центар Охрид често е домаќин на големи политички настани. Се почесто доаѓаат и големи музички и филмски ѕвезди, а нивниот протокол околу сместувањето е исклучително пребирлив. Дел од постоечките хотели имаат таканаречени претседателски апартмани, но тоа е премалку за град како Охрид, децидни се туристичките работници.
Неодамна Владата распиша нов тендер за продажба на државно градежно земјиште во Горица за изградба на луксузен хотел. Откако претходните два обиди да се привлече светски бренд пропаднаа, државата ги намали критериумите за влез на големо хотелско име на охридската ривиера. Тоа сега може да биде компанија која поседува најмалку 5 хотели.

Интерес за изградба на луксузен хотел во Охрид има, вели директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Виктор Мизо. Меѓу заинтересираните е и турски хотелски бренд чии претставници деновиве престојуваа во Охрид. Тие, како што кажа Мизо, биле воодушевени од убавините на Охрид, а својата одлука околу евентуалната инвестиција тука ќе ја донесат по деталното разгледување на локацијата и условите за изградба на луксузниот хотел.

Идејата за изградба на луксузен хотел нема само приврзаници. Дел од граѓаните сметаат дека со евентуална реализација на тој проект неповратно ќе се уништи природниот амбиент во Горица бидејќи ќе се урбанизира зелениот појас, кој е еден од најубавите на ривиерата. Според нив доколку веќе е неопходна изградбата на таков хотел треба да се искористи една од постоечките локации или некој од бројните хотели кои се оставени на забот на времето.
Аргументи за и против има многу, но преовладува мислењето дека на Охрид му е потребен луксузен хотел. Каде и кога во најголем дел зависи од евентуалниот инвеститор, кој сеуште се очекува.











