Ова не е единствен пример велат историчарите на уметност посочувајќи на изложбата на Бугарскиот национален Музеј во Москва во 2003-та година каде исто така голем број археолошки предмети од Македонија биле претставени како национално богатство на источниот сосед. Тие укажуваат дека најголем дел од културно историското наследство од Македонија било изнесено за време на Првата светска војна и по неа, кога се пронајдени четирите златни маски во Требеништа, но и други вредни предмети.
– Во Првата светска војна од страна на бугарите се изнесени највредните предмети од Охрид како што се Плаштеницата од 1216 година од Света Софија, позлатени платна, икони, Царските двери, најубавата резба на врата на црквата Св. Никола Болнички, кандила и друго, а за среќа не ги виделе иконите на таванот во црквата Св. Бородица Перивлепта кои беа откриени во педесетите години од минатиот век и тие останале тука, вели во изјава за OhridNews историчаот на уметност, Гоце Ангеличин Жура.
Тој посочува дека по првата светска војна била формирана српско-бугарска комисија која требало да утврди каде се наоѓа изнесеното богатство од територијата на Македонија, која во 1920 година заклучила дека истото на патот од Скопје кон Софија исчезнало. Меѓутоа, вредните артефакти кои некогаш ги краселе охридските цркви и манастири не “исчезнале“, туку се наоѓаат во софиските депоа, тврди историчарот Жура, кој имал прилика лично да се увери во тоа.
– Во 1994 година бев поканет на седумдневен симпозиум во Пловдив и за моја среќа имав можност сите тие однесени богатства од Охрид да ги видам на изложбата на Националниот музеј во Софија. За жал кусо потоа тие едноставно како да ги снема и со цел да се заташка целата работа оттгаш тоа богатство не се експонира во јавност, изјави Жура.
Покрај артефакти, од Македонија се однесени и вредни ракописи. Голем дел од нив се уништени во бомбардирањето на Белград во 1941 година, а дел се наоѓаат во музејските депоа во Санк Петерсбург, Москва, Загреб и Ватикан. Но обиди за поинакво претставување на историјата има и во стручната литература, каде одредени факти се испрвртуваат, вели историчарот Жура. Тој ја посочува книгата „За Прохор Пчињски“ која ја добил на симпозиумот посветен на Јустинијан, кој се одржува во Ниш. Во неа меѓу другото стои: „Во 15 век ктиторот заедно со зоографот дошле во Прохор Пчињски. Тие биле од градот богат со рудници – Кратово. Резултат на таа работа се едни од највредните врески во манастирот чиј автор е србинот од Кратово“?!
Но, не само соседите ја присвојуваат македонската историја, вели Жура, посочувајќи на псалтирот од охридското село Рамне, кој денеска се наоѓа во Италија и е познат како Болоњски псалтир. „Тој во науката треба да се вика Рамненски, а не Болоњски псалтир, бидејќи е напишан и пронајден во селото Рамне кај Охрид“, смета Жура. Тој укажува и на други нелогичности во објавени историски книги и документи, кои се однесуваат на изградба на цркви и времето кога тие се подигнати, а според него спорни се и годините на владеење на одредени владетели, кои често погрешно се претставени. Пример за тоа е црквата Св. Јован Канео која дури и на уметнички дела од поново време е претставена како „задужбина цара Душана“, што не е точно смета Жура бидејќи, како што вели тој, оваа црква е изградена 1280 година, а цар Душан доаѓа после 60 години и не може тој да биде нејзин ктитор.
Историјата на Балканот е испреплетена но државите треба да смогнат сили таа да биде фактор на обединување а не на поделби вели историчарот на уметност Гоце Ангеличин Жура. Според него тоа може да се направи само со признавање на историските факти, а не со присвојување на националното богатство на другите народи. Во тој контекст најдобро би било, смета тој, да се формира мешовита стручна комисија која ќе иницира враќање на одземеното културно наследство во земјите од кои тоа потекнува или барем да се изработат верни копии кои ќе сведочат за историското миното.