Кога тимот победува ги забораваат, кога тимот губи тие се први на удар. Притисокот е постојано надвиснат над нивните глави, а серија лоши резулати значи “гилотина“. Кого и каде ќе гледаме покрај аут линијата во наредната сезона. Дали направија доволно да ги задржат нивните работни места уште една сезона. Еве една ретроспектива на менаџерите ширум Европа.

Англија

Арсенал. 1000 и кусур мечеви на клупата на Арсенал за Арсен Венгер човек од бескрајна доверба во Северен Лондон. Долго Арсенал не совоил трофеј и секоја сезона медиумите го менуваат. “Професорот“ ќе има шанса во ФА финалето против Хул да го прекине долгогодишното проклетство. Евентуалниот триумф ќе биде убава можност за најдобар крај на Арсен Венгер ерата кај топчиите, поготово што на големо бијат камбаните за негов ангажман во ПСЖ.

Челси. Контраверзниот Жозе Мурињо се врати на местото каде што го обожаваат. Но сезона без трофеј тешко дека ќе го задоволи рускиот сопственик Роман Абрамович, кој во минатото не покажа голема емотивност и сентименталност кон своите менаџери. Елиминирани во англиските купови, толку блиску а толку далеку од титулата во Премиер, единствено нешто што на Мурињо може да му обезбеди мирно лето е трофејот во Лигата на Шампиони. Го делат две финалиња , првото се игра во среда на Стемфорд Бриџ.

Ливерпул. Црвените имаат нов идол во името на Брендан Роџерс. На некогашниот помошник во менаџерскиот тим на Мурињо во Челси му требаа две сезони да го склопи побендичкиот мозаик и да ја донесе на Енфилд првата титула во Премиерлигата 19-та вкупно. Но и да се случи чудо во последните три рунди, него и наредната сезона ќе го гледаме на клупата на Ливерпул.

Манчестер Сити. Трофејот во Капитал купот беше најава за трофејна сезона под палката на Маунуел Пелегрини. Граѓаните го изгубија “здивот“ во финишот на сезоната, а дека се далеку од европската класа евидентно беше на осминафиналето од мечевите од Лигата на Шампиони против Барселона. “Синиот“ брод од Манчестер доста веројатно ќе остане со истиот кормилар, но сезона како годинашната доста веројатно дека ќе биде последна за чилеанецот.

Манчестер Јунајтед. За очекување беше дека заминувањето на Фергусон ќе остави длабоки рани. Нив не успеа да ги залечи лично избраниот Дејвид Моес, кој за неуспесите плати со својата глава. Не можноста да обезбеди пласман во ЛШ, ја активираше клаузулата во неговиот договор, во која стои дека долку не успее да обезбеди место во Европската елита, во случај на отказ сопствениците не се обврзани да го исплатат до крајот на неговиот петгодишен договор. Реагираа со Гигс, но тоа е експеримент за месец дена. Толку време има велшанецот да ги убеди челниците дека има капацитет да го води големиот Манчестер Јунатед.

Шпанија

Атлетико Мадрид. Серијата сензационални резултати љубоморно го чува сеуште Диего Симеоне на клупатана “јорганџиите“. Никој не сака да ја наруши атмосферата во клубот, кој е во трка за двојна титула. Во средината на мај, кога ќе се спушти завесата во фудалска Европа ќе биде позната иднината на аргентинецот. Серија клубови се желни за неговиот потпис, Манчестер, ПСЖ, Интер, Јувентус…

Барселона. Тата Мартино не успеа да ја трансформира “тика-така“ филозофијата и за тоа ќе мора го плати цехот. Многу работи не му “легнаа“ на Мартино кој успеа на два пати во лигата да го победи Реал но го загуби мечот кој носеше титула во кралскиот куп. Елиминацијата од Атлетико во ЛШ е само уште еден показател дека во Барселона е потребен ремонт. А се знае на кого прво ќе му биде покажана излезната врата. За наследник на Мартино фаворит е стратегот на Атлетик Билбао, Ернесто Валведре.

Реал Мадрид. Ако ја освои “десетката“ и го освои шампионатот во Шпанија, тоа би било врв за Карло Анчелоти . “Трипла“ и тоа во првата сезона на клупата на кралскиот сон, тоа “Лоти“ никогаш не можел ниту да го сонува. Во тој слуачај италијанецот слободно може да се пакува и да замине во Манчестер, а клубот да го остави во рацете на сегашниот број 2, Зинедин Зидан.Но доколку ги загуби двата трофеи тогаш сигурно деке неговата работа ќе биде ставена по лупа. И тогаш најверојатно негов заменик ќе биде Зинедин Зидан.

Германија

Баерн Минхен. Сета фама околу Пеп Гвардиола ќе падне во вода, долку во среда Баерн не успее да го елиминира Реал. Е дури тогаш ќе тргне лавината против “тика-така“ системот на Гвардиола. Неговото доаѓање во Баерн, после “тројната“ круна на Хејкенс беше прифатено со негодување. По освоените трофеи малце ја олабавија атмосферата, за неуспех во среда никој кај баварците не размислува, но доколку “Лоти“, заедно со Роналдо и Бејл во тимот го преживаат пеколот кој ги чека на “Алијанц арената“ некој ќе треба да плати. Но не на начин на кој Ули Хенес го “плаќаше“ данокот, туку со збогување.

Франција

Ако клубовите како ПСЖ и Монако немаат проблем да доведат било кој фудбалер да игра во Франција, тогаш тоа не е исто со тренерите. Така ПСЖ го имаат Лоран Блан, кој падна на првиот посериозен испит. Елиминацијата од Челси по “капиталната“ 3-1 предност не го сврстува во редот на “големи“ тренери. ПСЖ ја потврди доминацијата во Франција, но сеуште се далеку од тронот во Европа. Дали ќе го одврзат кесето за некој нов фудбалер или ќе се одлучат за искуен тренер е прашање на кое треба да одговорат катарските сопственици. Арсен Венгер е нивни прв пик, а исто така “интересен“ е и Диего Симеоне.  

Монако. Клаудио Раниери успеа по една сезона да го врати Монако во елитата и да се трка со ПСЖ за титулата. Пред нив е сезона во Европа која треба да ги покаже квалитетите на тимот од кнежеството. Што со Раниери и дали ќе биде тука за европската турнеја се прашања на коои рускиот тајкун Дмитри Риболовљев треба да даде допрва одговор.

Италија

Јувентус. Трета година по ред доминатно ја освојуваат титулата во Италија. Антонио Конте ја покори “чизмата“, но неговите трупи се непропознатливи во Европа. Елиминацијата во “снежниот“ Инстамбул, може да ја залечат со евентуалниот триумф во Лига Европа. 18 години Јувентус нема трофеј во Европа. Челниците на Јувентус се уште водат преговори со Антонио Конте за продолжување на сорабтката. Недостигаат детали да се продолжи соработката.

Некогашните Милански гигнати (Интер и Милан) одамна не се страв и трпет во Европа. Нивната просечност не ги прави повеќе ниту конкуренти за титулата во Италија. Ако клупата на Мацари во Интер е сигурна, тогаш таа на Сидорф во Милан се уште е под знак прашалник. Но за да се вратат во европскиот врв, потребно е повеќе вложувања во играчкиот кадар. За состојбата во овие два клуба ама буквално важи правилото “дека тренерот не е магионичар“

Рома. Гарсија, се покажа како вистинскиот човек за Рома. Тимот од Рим до последно му е конкурент на Јувентус во битката за Скудетото. Му овозможи на легендарниот Франческо Тоти уште еднаш да ја чуе мелодијата во Лигата на Шампиони. Каде е лимитот на Рома во европа, ќе зависи од тоа колку ќе ги исполнат “летните“ желби водечките луѓе на тимот од италијанската престолнина.

Наполи. Горан Пандев се разделува од Рафа Бенитез, повторно. Можно е и со трофеј од купот каде во финалето противник им е Фиорентина. Ако заминувањето на Пандев е речи си сигурно, Де Лаурентис (претседателот на Наполи) за очекување е да го остави Бенитез и наредната сезона на клупата на азурите.

Пред нас е завршницата во европските шампионати, како и финалните мечеви од Лигата на Шампиони. Време е за подмирување на сметките.

 

Мирко Постоловски