Градскиот фудбалски клуб Охрид Лихнидос го задржа максималниот ефект на табелата, откако на домашен терен во „Езерското“ дерби со 3-0 го совлада Караорман во рамките од 9-та рунда во Третата македонска фудбалска лига.

Со добрата игра и триумфот во дербито охридските фудбалери остануваат на курсот кој ги води во Втората лига. Пресметката помеѓу соседските ривали ја збогатија „Рибарите“ и Претседателот на фудбалска федерација (ФФМ), Муамед Сејдини кој беше на трибините.

Победата и освојувањето на трите бодови охриѓани ги најавија со двата голови во првиот дел. Офанзивецот Никола Секулоски во 9-та минута од слободен удар го отвори резултатот, а Марко Арсенов пет минути подоцна го дуплираше водството. На средината од второто полувреме Љупчо Далчев со погодок директно од корнер ја завери победата.

Охрид Лихнидос со 27 бодови останува неприкосновен лидер на табелата во третолигашкото друштво, додека Караорман останува на средината од табелата.

Фото: Првиот човек на ФФМ и „Рибарите“ го збогатија „Езерското“ дерби во фудбал

Мх.П.