Најдобрата македонска фудбалска селекција со (3-0) ја совлада репрезентација на Белорусија во контролниот натпревар кој се одигра на националната „Телеком Арена“.
Со триумфот над белоруските фудбалери „црвено жолтите“ врза две победи во серија после убедливата победа против Лихтенштајн (3-0) на гостински терен.
Двете селекции резервирано го започнаа натпреварот. Првата прилика им припадна на гостите, но Димитриески беше на место и не дозволи отварање на резултатот.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски прв пат се заканија во 30-та минута преку Илија Несторовски кој биеше со глава во гредата.
Нереализираната шанса на Несторовски како да беше најава за голот на Стефан Спироски во 40-та минута. Фудбалерот на Вардар со одмерен удар од 18 метри ја погоди мрежата на белорусите по додавањето од Кире Ристевски.
Водечкиот погодок на македонските репрезентативци им даде дополнителни крилја во вториот дел. Капитенот на А селекцијата Горан Пандев во 61-та минута го дуплираше водството, а девет минути подоцна го нокаутираше противникот.
До крајот на мечот селекторот им даде шанса на сите фудбалери кои беа на клупата меѓу кои и Дарко Чурлинов кој со 16 години и осум месеци стана најмлад фудбалер кој настапил во дресот на А селекцијата. Репрезентативецот до 18 години приматот го презеде од Тауљант Сулејмани кој пак од вечната листа го симна Горан Пандев.
Фото: Екипа.мк
OhridNews