Во период кога на струшките улици се врши масовно труење на незгрижените животни, три кучиња успеаа својот дом да го најдат дури во Холандија, информираат од невладината „Animal World“.
И покрај обемните процедури за животните да стигнат до новиот дом во оваа западноевропска земја, „Animal World“ со подршка од холандски државјани успеа во својата замисла.
„Во период кога свеста меѓу граѓаните за вдомување на нерасни кучиња е на многу ниско ниво и кога немаме никаква подршка од одговорните институции за хумано справување со проблемот на бездомните животни, ова претставува единствена опција.” – велат од здружението.
Оттаму потенцираат дека како Здружение за заштита на животните, се залагаат за хумано решавање на проблемот на бездомните кучиња преку примена на методот „Залови-кастрирај/стерилизирај-врати“.
„Како здружение се залагаме за отварање на прифатилиште за згрижување на бездомните животни. Срамота е едно општество кое се стреми кон Европа сеуште да користи вакви методи за справување со бездомните животни. Да се надеваме дека и многу други кучиња ќе ја имаат истата среќа како Марта, Пипа и Жорже” – потенцираат од „Animal World“.
OhridNews