На 5-ти септември 2009 година во 10.35 часот на околу 200 метри од брегот во близина на плажата Елешец потона бродот „Илинден“. Во несреќата загинаа 15 бугарски туристи.

Благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот, Сотир Филески и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ и други храбри граѓани беа спасени 38 туристи од Бугарија и туристички водич од Охрид.


По неколкумесечна истрага Основниот суд во Охрид подигна обвинение за предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот,  против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на германски Лојд, Бранко Баиќ , кој го извршил техничкиот преглед на пловилото. И двајцата беа прогласени за виновни и им беше изречена казна затвор од по една година. Причина за несреќата според вештачењето бил дефект на системот за управување на бродот на кој имало повеќе патници од максимално дозволениот.

Третата годишнина од најголемата бродска несреќа во водите на Охридското Езеро, денеска, ќе биде одбележана со повеќе активности организирани од Здружението на граѓани “5 Септември”-Охрид. По тој повод кај спомен паркот на загинатите на градскиот кеј, ќе биде положено свежо цвеќе, по што во ресторанот “Далга”  ќе се одржи помен за трагично загинатите.


Вчера, градоначалникот на Охрид Александар Петрески им врачи благодарници на српските лекарки Жаклина Спасиќ и Гордана Димитриќ, кои пред три години учествуваа во спасувањето на патниците по несреќата и потонувањето на бродот „Илинден“.

OhridNews