Расчинетиот владика на МПЦ ОА, Јован Вранишковски, е осуден на три години затввор, а другите негови 18 роднини и приврзаници добија условни казни од две години, доколку во рок од пет години не направат друго кривично дело, јавува „Макфакс“.
Судот го укина и притворот за Вранишковски за ова дело, но тој веќе се наоѓа во затвор за друго дело, односно осуден е за затајување на 250.000 евра од МПЦ, а актуелното обвинение го сомничи дека парите ги делел на свои приврзаници, кои ги донирале во здружението, а потоа купувале имоти.
Се товарат за перење на пари преку здружението „Анастасија” од Нижеполе.
Вранишковски од затворот во Шуто Оризари ќе биде префрлен во Идризово на издржување на новата казна.
Вранишковски во исказот пред судот изјави дека е кривично гонет поради единството со Српската Православна Црква (СПЦ) и почитувањето на Нишкиот договор.
Архиепископот на нерегистрираната Православна Охридска Архиепископија рече дека Нишкиот договор во 2002 година го потпишале тројца епископи од МПЦ, а Вранишкоски го спровел истиот договор преку формирање автономна православна архиепископија.
Давид Нинов: Пресудата за ’Расколник’ е политичка и однапред донесена
Пресудата за случајот Расколник во којшто расчинетиот владика на МПЦ-ОА, Јован Вранишковски беше осуден на три години затвор, а неговите приврзаници на двегодишна условна казна политичка пресуда којашто е однапред донесена, смета Давид Нинов, припадник на Православната охридска архиепископија, црква којашто во Македонија не е призната.
„Со оглед на тоа што немаме прекршено ниту еден закон во однос на обвинението за коешто се товариме сметаме дека тоа е политичка пресуда којашто е однапред донесена. Судот денеска ја прочита“, рече Нинов.
Претходно Нинов во судницата додека судијата одлучуваше за приговор на одбраната ги нарече новинарите платеници и им порача „Ако сум јас виновен за ова, јас да умрам, ако не, вам да ви умре најмилото“. Сепак Нинов не се извини за ова, туку им порача на новинарите да бидат потранспарентни.
„Дозволете ми токму поради тоа што сум свештено лице да ви укажам, да не бидете суеверни луѓе туку да ја практикувате дејствително православната вера и да не реагирате на еден суеверен начин којшто не е карактеристичен за христијаните. Она што јас го реков беше следното, кога од некого барате на вашата правда да ви одговори со правда, кога од некого барате на вашата љубов да ви одговори со љубов , а тој ви одговара со неправда и нељубов тогаш таквиот човек самиот себеси се осудува. Единаесет години постои овој проблем со црквата во Македонија, 11 години медиумите не најдоа за потреба да организираат една јавна дебата во живо. Фридом хаус известува дека најголем дел од новинарите во Македонија се политички назначеници. Значи потрудете се и вие во духот на демократската атмосфера, во духот на почитувањето на верските права и слободи да бидете потранспарентни, поотворени, сигурен сум дека така полесно ќе најдеме заеднички јазик односно можност за дијалог без разлика на различните ставови, тие можат да бидат богатство за нашето општество“, рече Нинов.
извор:„Макфакс“