Земјоделците кои сакаат да добијат субвенции за своите земјоделски активности ќе може да аплицираат за користење на средства од ,,Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2013 година’’. Според Јавниот повик кој го објави ,,Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој’’ заинтересираните земјоделци можат да аплицираат за субвенции од три програмски мерки.
Првата мерка се однесува на ,,Инвестиции за модернизација на земјоделски стопанства’’, во која за одгледување на житни и индустриски култури ќе се издвојат по масимум 4,5 милиони денари за корисник. Во мерката ,,Инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски производи” за преработувачки капацитети на житни култури, максималната вредност на трошоците ќе изнесува 6 милиони денари по корисник, додека пак за преработувачки капацитети на јајца, ќе се издвојуваат до 10 милиони денари по корисник.
За мерката ,,Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност и финансиска поддршка за основање и функционирање на земјоделските задруги’’ максималната вредност на трошоците ќе биде 6 милиони денари.
Финансиската поддршка за сите мерки ќе се исплаќа по принцип на ко-финансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Повеќе детали околу начинот за аплицирање земјоделците можат да добијат во Подрачните служби на ,,Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој’’.
Крајниот рок за доставување на барањата по овој оглас е 15-ти јануари 2014 година.
OhridNews