Денеска во централното градско подрачје, три охриѓанки се натпреваруваа во подготовка на рибина чорба во склоп на манифестацијата Ден на рибарите.

Катерина, Душанка и Гордана, пред илјадниците посетители ги покажаа своите кулинарски способности. Секоја со свој рецепт и на различен начин, ја приготвија рибината чорба во три различни котли.

Катерина која рецептот го научила од својата мајка, ни отркива дел од состојките и начинот на подготовка на рибината чорба.

Во котелот се остава водата да изврие. Додавам пет суви пиперки и две парчина риба. Откако рибата ќе се свари, се вади и се чисти. Потоа се враќа назад во котелот, каде оставам да се вари 20-тина минути. Во меѓувреме се зачинува со лук, кромид, црн бибер и сол.“ – вели Катерина.

Една од главните состојки без која не може да се замисли чорбата, се двете запршки. „Откако ќе поминат 40 минути, настрана се прави првата запршка. Таа е составена од масло и рендан морков, додека во главната запршка покрај маслото, се додаваат и три лажици брашно. Целокупната подготвка на рибината чорба, трае околу еден час.“ – додава Катерина.

Во секој случај, граѓаните на сите три натпреварувачки им го одаваат признанието за најдобро подготовена рибина чорба.

О.Т.