Возило марка Форд удрило во возило Тојота кое се движело во ист правец на магистралниот пат Охрид – Кичево во близина на хотел „Коцаре“. Во несреќата две лица, совозачи во двете возила се здобиле со лесни повреди, а предизвикана е материјална штета.

Незгодата што се случи претпладнево беше трета изминатото деноноќие на овој патен правец. Ноќеска во 01.15 часот, на магистралниот пат Охрид-Кичево, кај селото Требеништа, случена е сообраќајна незгода во која товарно моторно возило „Рено Мастер“ со вевчански регистарски ознаки, управувано од 33 – годишно лице од Охрид, излетало надвор од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил возачот по што бил пренесен во Општата болница Охрид за укажување на лекарска помош.

Вчера, пак, во 08.25 часот, на магистралниот пат Кичево-Охрид, кај селото Подмоље, случена е сообраќајна незгода во која, патничко возило „Мерцедес“ со охридски регистарски ознаки, управувано од 29-годишно лице од Охрид излетало надвор од коловозот. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот (22) од Скопје, а со телесни повреди се здобил возачот. Двајцата биле пренесени во болницата „Св.Еразмо“ за укажување на лекарска помош, информира СВР Охрид.

OhridNews