Исклучително плодниот научен истражувач и историчар д-р Павле Митрески, на јавноста денеска и презентираше три нови дела: “Михајло Идворски Пупин” (Од Идвор до Вевчани), “Студии за Охридско – струшкиот регион” (4 книга) и “Српски документи 1890 – 1940)”.

Павле Митрески е долгогодишен истражувач на ликот и делото на Михајло Пупин, кому му има посветено повеќе научни трудови и книги. Во последната “Михајло Идворски Пупин” (Од Идвор до Вевчани), тој открива нови детали од животот на Михајло Пупин кој дел од својот живот го минал токму во овие краишта. Меѓу новите податоци што ги потврдуваат блиските врски на Пупин со Македонија се документите со кои Пупин во 1925 година е прогласен за почесен граѓанин на Охрид, писмо на Пупин во кое се заблагодарува на охриѓани за подарена резба, документи за одржан парастос во црквата „Света Богоридица Каменско“ вториот ден по упокојувањето на големиот научник, објавен и некролог за неговата смрт…

Собирајќи исторски материјали, документи за општествените историски збиднувања дојдовме до непобитни сознанија за неспорната врска на релација Михајло Идворски Пупин и Македонија. Тоа го признава и Српската академија на науки и уметности, моите трудови посветени на Пупин ми се како втора докторска дисертација. – вели авторот Митрески за неговото последно дело посветено на Михајло Пупин.

Во четвртото продолжение на “Студии за Охридско – струшкиот регион”, професорот Митрески открива нови детали од животот на големите историски дејци од охридскиот крај како Петре Пирузе Мајски и Христо Узунов. Вредни историски материјали се поместени и во книгата “Српски документи 1890 – 1940)” која исто така содржи досега непознати и необјавени оригинални документи.

Станува збор за трајни историски записи што многу можат да користат во некои натамошни истражувања. Како пример би издвоил 40 оригинални страници материјал со опис на охридскиот округ од Свети Наум се до Дебар, напишани во 1914 година од тогашниот градоначачник Јован Ќирковиќ. Прекрасни историски податоци за животот во Охридско во тоа време, од тоа какви биле селата во тоа време, патиштата, училиштата, сето тоа изворно и најважно – интересен материјал што читателите ќе можат да го читаат како роман, рече88 годишниот Митрески.

Промотори на книгите беа проф. д-р Ѓорѓи Тоновски и м-р Димитар Смилески, а настанот што се одржа на бродот „Александрија“ го модерираше Милчо Јованоски.

Делата на вредниот и неуморен научен истражувач Павле Митрески ќе останат како вреден спомен за идните генерации кои доаѓаат, како вистинско богатство на факти и податоци за сите оние кои преку книгата ќе дознаат нешто повеќе за историјата на Охрид и Македонија.

Г.М.