Во организација на политичката партија ПОДЕМ во Охрид се одржа трибина на тема „Со јавен и отчетен буџет до економски силни општини“. Настанот, како што истакнаа организаторите,  предизвика голем интерес кај граѓаните, претставниците на локалната самоуправа и јавните институции, а дискусијата се одвиваше во конструктивен и отворен дух, со силни пораки за потребата од транспарентно управување со јавните средства и унапредување на локалните финансии.

На трибината говореа Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии, Кирил Пецаков, градоначалник на општина Охрид и Перчо Божиновски, претседател на Советот и носител на советничката листа на општината Охрид.

Во своето обраќање, заменик министерот Јанкуловски нагласи дека силните и отчетни локални буџети се основа за стабилен економски развој и за рамномерен раст на сите региони. Тој истакна дека Владата, преку програмите за поддршка на општините и капиталните повици, обезбедува значајни средства за инфраструктурни, образовни и комунални проекти, а приоритет се дава на општини кои покажуваат отчетност и финансиска дисциплина.

Секоја општина што планира, троши и известува транспарентно, гради доверба кај граѓаните и создава услови за нови инвестиции. Тоа е суштината на јавните финансии – парите на граѓаните да се трошат паметно и видливо, нагласи Јанкуловски.

Градоначалникот Пецаков се осврна на искуствата на општина Охрид, потенцирајќи дека фискалната стабилност и отчетноста се предуслов за реализација на капитални инвестиции. Тој наведе дека благодарение на подобреното управување со буџетот и поддршката од централната власт, Охрид реализира голем број инфраструктурни проекти – од локални патишта, преку училишта и спортски сали, до комунални и енергетски ефикасни решенија.

Граѓаните ја препознаваат разликата кога општината работи со план, со јасни приоритети и со видливи резултати. Тоа е патот по кој треба да одат сите локални власти, рече Пецаков.

Претседателот на Советот Божиновски нагласи дека Советот на општина Охрид во континуитет работи на зголемување на транспарентноста и отчетноста, преку отворање на седниците за јавноста, онлајн објавување на одлуките и активно учество на граѓаните во процесот на донесување буџет.

Јавниот дијалог е клучен за довербата. Кога граѓаните учествуваат во планирањето на буџетот, тие стануваат партнери во развојот на општината, истакна Божиновски.

Во заклучокот од трибината беше нагласено дека отчетноста и транспарентноста се темелот на стабилни и развиени општини, а јакнењето на локалните буџети е предуслов за економски раст, нови работни места и подобар животен стандард.

ПОДЕМ останува посветен на унапредување на јавните финансии, на поддршка на соработката меѓу централната и локалната власт и на создавање општини кои имаат капацитет сами да инвестираат во инфраструктура, образование, локална економија и квалитетен живот на граѓаните. Со ваквите трибини, ја продолжуваме својата мисија да ги доближи политиките до граѓаните – преку отворен дијалог, споделување на добри практики и градење партнерства за развој на секоја општина во државата, велат од партијата.

OhridNews