Охриѓани доста нервозно го започнаа натпреварот, а тоа резултираше со многу технички грешки во нападот. По десет минути игра охриѓани се стабилизираа, а за тоа најзаслужен беше голманот Кирил Пецаков, кој го маѓепса охридскиот гол.
На средината од првиот дел избраниците на охридскиот тренер Горан Андоновски експлодираа постигнувајќи погодоци од сите позиции, а Пецаков (16 интервенции) на голот продолжи со шоуто.
До крајот на првиот дел охридската одбрана беше совладана само четири пати додека “гладијаторите“ постигнаа единаесет погодоци и на одмор заминаа со +7 (11-4).
Во продолжението од натпреварот гостинскиот состав немаше лек за брзиот центар на “белите“, па така разликата на семафарот драстично растеше и во 43-та минута изнесуваше огромни +11 (20-9).
Стратегот на охридската клупа Андоновски прилика им даде на помладите ракометари кои се најдоа во записникот, а тие носени од поддршката од публика успеаја да ја затресат мрежата на гостинскиот состав и да заокружат победа на охридскиот состав.
Со пет погодоци во таборот на Охрид завршија Трифуноски и Мирков, по три постигнаа Томовски и Андоновски. По два пати прецизни беа “пикерскиот“ тандем Анѓелкоски Тодор и Тасевски додека по еднаш мрежата на Вардар ја погодија Јованоски, Анѓелкоски Коста и најмладиот на паркетот Наумоски.
Охриѓани со победата над Вардар ја забележаа третата победа во серија во пролетниот дел од сезоната во Првата машка ракометна лига, а во наредното 15-то коло “гладијаторите“ гостуваат кај поранешниот суперлигаш Драчево.