Тркалезна маса „Предизвици и можности за добро локално владеење во дигитална ера“ ќе се одржи денеска во Охрид во организација на Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21.
На настанот свои искуства и мислења ќе споделат градоначалницте на Општина Аеродром Тимчо Муцунски, на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, Тони Коњановски градоначалник на Општина Битола, Љупчо Папазов на Општина Кочани, Арбен Таравари на Општина Гостивар и Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица.
Основната цел е преку „мЗаедница“ локалните самоуправи да обезбедат уште повеќе дигитални услуги, за граѓаните полесно и без трошоци да ги остваруваат своите права и обврски.
На првиот ден од тренингот за претставници на општини кои ја администрираат „мЗаедница“ беше претставена новата верзија (update) на апликацијата.
Наесен ќе видат достапни две нови е-услуги: упис на дете во градинка и упис во основно училиште. Разменивме мислења и за подобрување на други функционалности на оваа мобилна и веб-апликација. Основната цел е „мЗаедница“ да биде поедноставна за користење за граѓаните, но и за општинските служби, кои на дневно ниво ја администрираат, информираат организаторите.
Денешниот форум е во рамки на проектот „мЗаедница за мобилни, транспарентни и ефикасни општини“ поддржан од Интернационалниот Републикански Институт (ИРИ). Дел е од дводневен настан организиран од Центарот за социјални иновации БЛИНК 42 – 21 за зајакнување на капацитетите на општините кои ја користат дигиталната платформа „мЗаедница“.
OhridNews













