Во текот на изминатите неколку години, бројот на лебедови семејства на Охридско Езеро е се помал. Според експертите, тоа е резултат на климатските промени и прекумерното уништување на трската.
Со цел заштита на овие грациозни птици од страна на стручните лица се превземаат низа активности. Секторот за урбанизам и заштита на животната средина, во соработка со Македонското лимнолошко друштво на почетокот на годинава започна со реализацијата на проектот : „Регистрирање на гнездата на лебедите и нивна заштита во Охридското Езеро со цел одржување на биодиверзитетот“, кој се однесува на црвеноклуниот лебед именуван како „нем лебед“.
Присуството на црвеноклуниот лебед за првпат е забележано на Охридското Езеро во 1976 година, кога неколку лебеди престојувале во зимскиот период, а во 1986 година е забележан првиот гнездов пар од овој вид на локалитетот „Андон Дуков“.
Овој лебед се размножува еднаш годишно, се гнезди во гнездо изградено од трски и пердуви на островца сместени на тешко пристапни места и во појас на трска , во близина на брегот или на самиот брег.