Трофејот од престојното Европско кошаркарско првенство „Николаи Семашко“ се прошета низ Охрид кој е домаќин на турнирот во кој учествуваат селекциите на Македонија, Украина и Израел.
Првиот човек на Кошаркарската федерација на Македонија, Петар Наумоски посака еден ден трофејот да крене македонски кошаркар.
– Присуството на трофејот во Охрид треба да биде мотив повеќе за сите репрезентативци и кошаркари воопшто во Македонија. Еден ден секој од нас посакува кошаркарите овој трофеј да го имаат во свои раце што би значело шампион на Европа. – рече Наумоски.
Херојот од Европското првенство во Литванија пред четири години Владо Илиевски имаше сличен став како и првиот човек на КФМ.
– Многу напредуваме последниве десет години и докажавме дека заслужуваме да бидеме меѓу кошаркарскиот крем. – додаде Илиевски.
Трофејот беше прошетан по Охридското езеро, а тој ќе биде изложен и на градскиот плоштад.
Мх.П.













