Тројца мигранти утрово се удавија во Сува Река кај Гевгелија во близина на Прифатниот центар за мигранти, јавува „Макфакс“.

Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, утрово околу 6.45 часот во Полициската станица во Гевгелија било пријавено дека во водите на реката се пронајдени три мртви тела, едно тело на жена и две тела на мажи.

Според првичните информации на полицијата коишто се уште не се официјални, се работи за мигранти од Авганистан кои биле полнолетни.

Полицијата и Територијалната противпожарна единица од Гевгелија спасиле 23 мигранти кои се обиделе да ја преминат реката, но пропаднале. Спасените мигранти се пренесени во прифатниот центар „Винојуг“.

Реката во текот на годините немала вода, имала само речно корито, но поради интензивните врнежи водата била надојдена.

OhridNews
извор:„Макфакс“