Д- р Сашо Василевски и Александар Николоски од ВМРО- ДПМНЕ и Томислав Тунтев од СДСМ се избраните охридски претставници од 5- та изборна единица кои во новиот состав на парламентот ќе ги застапуваат интересите на народот.

Според резултатите на ДИК, ВМРО- ДПМНЕ во парламентот ќе има 61 пратеничко место. Од 5- та изборна единица во пратеничките клупи од редовите на оваа политичка партија ќе седнат вкупно 11 пратеници, меѓу кои Василевски кој беше на четвртата позиција на кандидатската листа за пратеници и Александар Николоски кој се наоѓаше на деветтата позиција. Како пратеник во македонското собрание не влегува д- р Љубен Арнаудов кој беше 16- ти на кандидатската листа.

Претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов потенцира дека отворени се сите опции со оглед на тоа дека дел од имињата на кандидатската листа ќе добијат одредени функции со што се отвара можноста нивното место да биде пополнато со друго лице од кандидатската листа.

Според првичните објавени резултати на ДИК во пратеничките клупи треба да седне уште еден охридски пратеник и тоа од редовите на СДСМ, а тоа е актуелниот претседател на ОО на СДСМ, Томислав Тунтев кој се наоѓаше на втората позиција на кандидатската листа за пратеници во 5- та ИЕ. Сепак, по изјавата на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека не ги признаваат изборните резултати останува неизвесно дали СДСМ ќе партиципира во новиот состав на македонското собрание.

Според податоците на ДИК, во македонското собрание ВМРО- ДПМНЕ освои 61 пратеничко место, СДСМ 34, ДУИ 19, ДПА 7 и по еден пратеник ГРОМ и НДП.

Т.К.