На подрачјето на СВР Охрид, од јуни до септември се издадени 292 прекршочни платни налози за возачи на електрични тротинети. Само во септември се евидентирани 377 прекршоци.

Начинот на кој се управуваат електричните тротинети и тоа кој ги управува предизвикуваат загриженост кај граѓаните. На тоа во голем дел укажуваат и резултатите од анкетата што на оваа тема изминатиот период ја спроведе Охридњуз. Речиси три четвртини од регистрираните гласови или 74 отсто, сметаат дека тие претставуваат опасност во сообраќајот, а дополнителни 21 процент се за сериозна ревизија на законот, строги правила и контрола. Во анкетата учествуваа 1162 читатели.

Истовремено, податоците што Охридњуз ги доби од СВР Охрид покажуваат дека во периодот од јуни до септември годинава на подрачјето на Секторот се евидентирани 501 прекршок сторен од лица кои управувале електрични тротинети, а издадени се 292 прекршочни платни налози.

Законските правила во меѓувреме се заострени. Прашањето што се отвора е како тие се почитуваат и спроведуваат и колку безбедно се делат сообраќајните површини меѓу пешаците, велосипедистите и корисниците на тротинети.

Во септември најмногу евидентирани прекршоци

Според податоците доставени од портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, бројот на евидентирани прекршоци значително се разликува по месеци:

Месец, 2026 година Евидентирани прекршоци на подрачјето на СВР Охрид Издадени прекршочни платни налози
Јуни 32 30
Јули 30 28
Август 62 58
Септември 377 176
Вкупно 501 292

Само во септември се евидентирани повеќе прекршоци отколку во претходните три месеци заедно, дури 377 наспроти 124.

Како најчести прекршоци, СВР Охрид ги наведува некористењето велосипедска или пешачка патека, возењето со брзина поголема од дозволената, управувањето од лица под 14 години и превезување друго лице.

Кои правила важат за возачите на електрични тротинети?

Според официјалните информации на РСБСП и МВР, брзината е ограничена на 20 километри на час на велосипедска патека или лента, а на 6 километри на час на заеднички велосипедско-пешачки патеки, тротоари и други површини за пешаци.

Задолжително е носење заштитен шлем, а во темнина и при намалена видливост и рефлектирачки елек. Забранети се превезување друго лице и управување под дејство на алкохол. При преминување коловоз или пешачки премин, возилото треба да се турка доколку нема обележана лента или патека за тој вид возила. За одредени прекршоци е предвидено и привремено одземање на „возилото“ на 30 дена.

СВР Охрид најавува продолжување на контролите

Од СВР Охрид најавуваат дека ќе продолжат со засилени превентивни активности и контроли на терен, со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Почитувањето на законите не е само законска обврска, туку и чин на одговорност, култура и грижа за човечкиот живот, вели во одговорот до Охридњуз портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Полицијата апелира и до возачите на лесни електрични возила, како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, доследно да ги почитуваат правилата.

Г.М.