Надлежните служби имаат одрдедени индиции, но не и докази за причинителот на загадувањето на Охридското Езеро со нафта, што се случи минатата недела. Инспекциските служби  и екипи на М.Ј.П „Проаква“ детално ги прегледуваат шахтите од амосферската канализација каде беше истурена поголема количина нафта, која по обилните врнежи се излеа во Езерото. Во исчекување на исходот од истрагата во јавноста се појавија бројни шпекулации за можниот загадувач, но и сомневања  дека можеби некој сака да го забошоти случајот.

Такво нешто не може да се случи, вели директорот на МЈП „Проаква“, Бранислав Трпчески, кој уверува дека надлежните служби прават се што е во нивна моќ да го откријат загадувачот.

Ќе биде поднесена кривична пријава против непознат сторител, а доколлку се утврди причинителот на еколошкиот инцидент кој негативно ќе се одрази на имиџот на Охрид пред претстојната туристичка сезона, мислам дека нема закон кој што би можел да го заштити, ниту некој сака да го прикрие, изјави Трпчески.

Тој најави дека лично нема да дозволи доколку се открие сторителот да мине неказнет, затоа што, како што рече, се работи за еколошкиот инцидент кој заслужува најостра осуда.

– Немам намера никого да амнестирам, ниту да заштитам, а  ќе барам откривање на причинителот за загадувањето и секоја опструкција или обид за прикривање јавно прв ќе го обелоденам, затоа што тоа е еднакво на соучешништво, истакна Трпчески, за кого е несфатливо како некој може да дозволи излевање на толкава количина нафта во Охридското Езеро.


Дел од нафтата беше испумпана од езерото, а поголемиот дел под влијание на ветрот и водните струи се разлеа по езерската површина. Анализите на мострите кои беа земени од езерото непосредно по инцидентот треба да покажат какви последици предизвика излевањето на горивото кај градскиот кеј, каде водата според повеќегодишните мерења е 1ва класа. Првичните резултати од анализите се очекуваат денеска.

Г. Момироски