Жителите на познатото крајезерско село Трпејца, незадоволни од односот на институциите на локално и централно ниво во решавање на спорот кој тие го имаат со сопствениците на приватен сместувачки капацитет изграден на просторот на некогашното рибно стопанство, утре ќе го блокираат патниот правец Охрид – Св. Наум.

-Поминаа сите рокови кои ги побараа, а ние им ги дадовме на локалните и државните институции кои на еден или друг начин се инволвирани во случајот со дивите градби во село Трпејца, но се уште не се спроведува Решението и заклучокот за уривање на дивите градби донесено од Општинскиот градежен инспекторат од 14 и 15 јули 2011 година, ја објаснуваат својата одлука од Месната заедница во с. Трпејца.

Оттаму велат дека за спорот што го водат со фирмата „Ивире“ за која тврдат дека узурпирала државно земјиште, биле известени Антикорупциската комисија, Националниот парк Галичица, Државниот јавен правобранител и ресорните мнистерства за заштита на животната средина и транспорт и врски. Исто така биле одржани средби со пратеници и градоначалникот на Општина Охрид и ОБСЕ, кои побарале десет до петанесет дена за решавање на проблемот, кои како што се наведува во дописот, одамна поминале, а проблемот останал нерешен.

– Се плашиме дека нашата констатација за личен , а не партиски интерес на поединци и сега е над интересот на локалните жители, градот, ама и државата. Јавно соопштуваме дека е можно и по се водејќи се од личните интереси на поединци кумувани и од локалната и централната власт дивите градби, градени на државно земјиште деновиве да бидат легализирани.Оттука, месната заедница како што најавивме неодамна одлучи во среда – 13 јуни во времето од 10 до 14 часот да го блокира меѓународниоот патен правец Охрид – Св. Наум кај Трпејца и да одржи Мирен протест со кој уште еднаш ќе се обидеме да извиршиме притисок врз институциите на системот да ги спроведат законите и да застанат на страната на вистината, стои во дописот на Месната заедница од с. Трпејца. 

Жителите на Трпејца неодамна организираа протест пред објектот за кој тие тврдат дека е дивоградба која зафаќа државно земјиште на кое е изграден мал параклис, кој за малку ќе прераснеше во поголем инцидент, откако дел од протестантите имаа блиска средба  со приватното обезбедување ангажирано од сопствениците на оспоруваниот сместувачкиот капацитет.

OhridNews