Жителите на Трпејца кои се спорат со сопствениците на вилата „Ивере“ околу владение на просторот каде е поставен мал параклис, бараат Општинскиот и градежниот инспекторат во рок од пет дена да постапат по решението за уривање на незаконски изградените градби на државно земјиште во Трпејца.

Во отвореното писмо до Општината, Инспекторатот, Ј.У. Национален парк, Галичица, и Министерствата за транспорт и врски и за животна средина, се бара од надлежните институции да не се служат со изговори и да постапат по донесеното решени, бидејќи жалбата не го одлага извршувањето.

Тие го сметаат за изговор  објаснувањето на Локалната самоуправа дека е распишан тендер за уривање на спорните градби и дека постапката оди бавно затоа што само три фирми во Македонија вршеле уривање, посочувајќи дека локалната и централната власт имаат и други механизми да го спроведат законското решение за уривање кое тие го донеле.

Исто така се бара од надлежните институции на локално и централно ниво да ги надминат политичките несопгласувања и да го решат проблемот во с. Трпејца кој предизвика лавина реакции и тензии. Тие бараат одговорност од надлежните заради непостапување по закон, обвинувајќи ги дека штитат нечии интереси, што според нив треба да биде предмет на анализа и на Антикорупциската комисија.

Жителите од селото се оградуваат од секаква политика и најавуваат дека случајот ќе го тераат до крај. Во отвореното писмо се наведува дека тие немаат ништо против инвеститорот на кој според нив му припаѓа земјиште со површина од 120 метри квадратни, а не 500 метри квадратни.

Трпејчани потсетуваат дека државата пред повеќе години најде средства и начин да урне голем број објекти изградени во заштитената зона на националниот парк, и бараат таа одлуно да се справи и со актуелниот проблем. Доколку тоа не се случи тие се заканија дека ќе организираат мирни протести и ќе го блокираат регионалниот пат Охрид – Св. Наум.

OhridNews

 

Тензиите во Трпејца повторно растат