Лимитот за внесување на пари во земјава изнесува 10.000 евра, ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се пријавуваат на царинските органи. Резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра и 120.000 денари по лице, при што се приложува потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра и 120.000 денари е забрането, се дел од информациите на кои ги потсетуваат патниците од Царинската управа на Македонија, преку низа активности кои се поинтензивни поради летните годишни одмори.
– Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари во износ до 10.000 евра и до 120.000 денари по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се приложува на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган. Таканаречениот „зелен канал“, таму каде што постои, патниците можат да го користат само доколку не поседуваат стока која подлежи на плаќање увозни давачки. Во спротивно се користи „црвениот канал“, се пријавува сé што патникот носи со себе и во т.н. скратена царинска постапка се царини стока чијашто вредност не надминува 800 евра во денарска противвредност, потенцираат од Царинската управа.
Во Македонија, покрај личниот багаж и лекови за лична употреба, слободно може да се внесат до 200 цигари (или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење) еден парфем од 50 мл или една тоалетна вода од 250 мл и литар алкохолен пијалак или 2 литри вино. Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалоци не важат за патници помлади од 18 години. Потребни се посебни дозволи за живи животни, суровини од животинско потекло, домашни миленичиња и за растенија. Забрана постои за оружје и муниција, недозволени супстанци, отрови и штетни материи како и за фалсификувана и пиратска стока.
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа во вредност до 350 евра. Во овие 350 евра не влегуваат алкохолни пијалаци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.
Сите овие информации деновиве им се презентираат на патниците на граничните премини и аеродроми, преку флаери и информативно видео.
OhridNews